„Фолк вечерта на популарноста“ ги собра на едно место најдобрите македонски фолк пејачи
Македонските естрадни фолк уметници синоќа се собраа во хотел „Амор“ во Кочани, на првото издание на манифестацијата „Фолк вечер на популарноста“, да ја прослават музиката и да добијат признанија за своите достигнувања, успеси и заслуги за македонската музика – тоа што досега недостасуваше.

Наградите им ги врачија еминентни личности од браншата, автори, продуценти и музички уредници.

Благоја Грујовски, уредник на програмата и водител на настанот, рече дека главниот мотив на манифестацијата е да се даде еден импулс и публицитет на фолк естрадата.

– Тоа се уметниците кои го обиколуваат светот и со песна ги сплотуваат луѓето во дијаспората. Со години и децении. Тоа главно поминува незабележано. Популарната македонска песна е надвор од фокусот на вниманието на медиумите, спонзорите и големите сцени. И тоа трае долго. Ова е само еден чекор кон подобар статус на браншата – вели Грујовски.

На манифестацијата „Фолк вечер на популарноста“ стауетки за животни достигнувања добија Сузана Спасовска и Наум Петрески, а со награди се закитија и младите ѕвезди Стојне Николова и Дамјан Стојановски. Награди и признанија добија Сашко Велков, Ленче и Горан Кукиќ, Сашо Нојкиќ – Цаки, Елена Андоновска, групата „Круна“ и „Енерџи бенд“, Орде Неделковски, како и актуелните и мега популарни Влатко Миладиноски, Спасен Сиљаноски, Анета Мицевска, Јордан Митев и Сузана Гавазова.

Почесно постхумно признание доби великанот на народната музика Милан Завков за огромниот придонес.
Организатор на настанот е ИМД продукцијата од Кочани од каде истакнаа дека настанот ќе прерасне во традиција.

