Библиотека „Искра“ ги прогласи најдобрите читатели во 2022, одбележан Светскиот ден на книгата и авторското право
ЈОУ Библиотека „Искра“ Кочани ги прогласи најдобрите читатели во категориите возрасни и ученици за изминатата година. Воедно со активности го одбележа Светскиот ден на книгата и авторското право.



Признанијата во подрачната библиотека во населбата Оризари им беа доделени на Ирена Спасова во категоријата возрасни и на Теодора Захариева, ученичка во ОУ „Крсте Петков Мисирков“. Во централната библиотека во Кочани награди добија Мичо Цеков во сениорска и Ана Николова во категоријата за ученици.

Одбележувањето на Светскиот ден на книгата и авторското право продолжи со гостување на авторката Елеонора Николовска, која оствари интерактивна средба со предавање за креативно пишување со ученици од ОУ „Крсте Петков Мисирков“ од Оризари. Во просториите на библиотеката во Кочани беше промовирана нејзината збирка „Расказите раскажуваат“. Во одбележувањето се вклучија и членовите на литературниот клуб „Копнеж“ кои се претставија со свои авторски творби, а по повод Светскиот ден на книгата и авторското право библиотеката го издаде и најновиот билтен на роднокрајните автори.

Одбележувањето го збогатија и ученици од ОМУ „Ристо Јуруков“ кои изведоа дела од познати автори на класичната музика.


