Ротари Велигденските игри со рекорден број учесници
Успешно и со голем број учесници поминаа првите Ротари Велигденски игри организирани од Ротари клубот Кочани – Виница наменети за најмладите. За прв пат во нашиот град се организираат вакви интересни игри на денот на најголемиот и најрадосниот Христијански празник – Велигден, а со оглед на тоа дека се бараше бројче за учество повеќе, организаторите треба за догодина да подразмислат и да ги прошират игрите на поголем број учесници. Поминувајќи низ полигон со препреки и стигнување до целта, сите деца учесници на игрите добија подароци, а тројцата најбрзи добија и награди.

Игрите беа во организација на Ротари клубот Кочани – Виница, во соработка со Општина Кочани и Пролет бар, со поддршка од Amphenol, Vincini и Autowelt.

Децата кои учествуваа беа радосни бидејќи преку овие случувања, игри и забава градот заживеа со песна, а се радуваа и најмалите и повозрасните.

Од Ротари клубот истакнаа дека овие детски игри се само увретира за големиот маратон низ кочанските улици што ќе биде организиран од Ротари клубот Кочани – Виница а ќе се одржи на 28 мај годинава. Од клубот најавуваат дека за прв пат освен индивидуална на 5 и 10 км, ќе има и фамилијарна трка на 2,5 км на која ќе можат да учествуваат сите членови од семејството.

Преку овие игри се буди натпреварувачкиот дух кај најмладите, а забавата и дружењето е незибежно.
По завршувањето на Ротари игрите на програмата на Општина Кочани за Велигденскиот хепенинг следуваа други содржини за децата „Светот на Биби“.



