Започна чествувањето на 2 Април – Меѓународниот ден на литературата за деца
Со трибина на тема „Со знаење и посветеност преку својата дејност го трасираме патот на најмладите“, Библиотеката „Искра“ од Кочани го започна чествувањето на 2 Април – Меѓународниот ден на литературата за деца.

На трибината учествуваа професорите и научници Христо Петрески, Кристина Николовска, Јованка Денкова, Ана Витанова Рингачева, Ели Маказлиева и Доне Донев, кои ги истакнаа улогите на книгата и на учителот во развојот на детето и во детскиот свет.

Веднаш потоа, беше промовирана книгата за деца „Чудесен дар во годишен календар“ од авторката Ели Маказлиева, дело што ја доби наградата „Ванчо Николески“ од Друштвото на писатели на Македонија. Промотор на книгата беше проф. д-р Елизабета Бандиловска.


Славењето на Меѓународниот ден на литературата за деца, под наслов „Другарувањето со книгите ни е песна“ – фестивал на децата, книгите и музиката, како проект на ЈОУБ „Искра“ ќе продолжи и наредните три дена со промоции на книги за деца и млади, литературни средби со роднокрајни автори и ликовна работилница.

Во наредните денови ќе се одржат промоции на книгите за деца „Мимбо Џимбо и долгата зима“ од данскиот автор Јакоб Мартин Стрид, „Невидлив“ од шпанскиот пиустаел Елој Морено, „Тешко е да не ме сакаш“ од Јасминка Петровиќ и „Откривање на кодот“ од роднокрајната авторка Љубинка Донева. Програмата донесува и ликовна работилница, поетска средба со роднокраен автор и изложба на дела од лицата со попреченост, а учесници ќе бидат ученици од основните училишта од Кочани, Оризари и Зрновци.
На последниот фестивалски ден ќе бидат доделени наградите за најдобрите творби на литературниот конкурс, а со драматизации, рецитали и музичко-ритмички точки ќе настапат ученици од музичкото и основните училишта од Кочани, Виница, Делчево и Пехчево.
Фестивалот на децата, книгата и музиката во Кочани се одржува со поддршка од Министерството за култура, локалната самоуправа, Ротари клубот Кочани-Виница и компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“.


