Водици во Кочани: Светиот крст во рацете на 24 годишниот Андреј Митев
24 годишниот Андреј Митев од Кочани успеа меѓу 50 те пријавени момчиња прв да стигне до крстот во водите на Кочанска река по повод празникот Богојавление Водици. Прв пат се пријавува за овој чин и прва среќа да го фати Светиот крст. Најсреќниот Митев со неговите другари според обичајот ќе ги посетат семејствата во градот, кои го даруваат крстот со пари за здравје и среќа. Тој пред сите присутни ја даде христијанската изјава и посака Бог да му дари здравје на него и неговите најблиски.

– Прв пат се фрлам по крстот и го фатив. Нека Светиот крст донесе многу здравје и радост во домовите на сите христијани. Бог се јави, за многу години Водици, рече Митев.
Празнувањето на верскиот празник Водици во Кочани е еден од најмасовните црковно – верски манифестации. Тоа беше потврдено и годинава кога покрај кејот на кочанска река присуствуваа голем број верници. Чинот на потопување на Честниот крст и осветување на водата го изврши Митрополитот Брегалнички Иларион со свештеници од храмот „ Св. Вмч Георгиј“ – Кочани.

-Бог се јави. Нека е честит и вечен празникот. Мир и благослов Божји на сите луѓе. Денеска како и секоја година традиционално го прославуваме Господовиот празник – Богојавление, кога Бог, Света Троица се јавува на вселената на човечкиот род и традиционално го спуштаме крстот во водите симболизирајки го крштевањето Господово и осветувајќи ги водите на Кочани. На момчето што го фати крстот му посакуваме многу здравје, благослов од Бога и успех во животот. Нека е честит и вечен празникот, Бог се јави – рече Владиката Иларион.
Храмот „Св. Вмч Георгиј“ го даруваше Митев со Библија, традиционално, градоначалникот Љупчо Папазов во името на граѓаните на Кочани му подари златник, а компанијата „Зегин“ вредносен ваучер.

-Нека е среќен денот, на момчето што го фати крстот му посакувам да му носи радост и среќа нему и на семејството. На сите верници на општина Кочани им го честитам денешниот празник Водици и им посакувам многу здравје и среќа, рече градоначалникот Папазов.

Пред одржување на чинот на потопување на честниот крст во храмот „Св. Вмч Ѓорги“ се одржа Света Божествена литургија по што со свечена литија верниците и свештениците се упатија кон мостот во паркот каде се потопуваше крстот. Успешно помина и лицитацијата на иконите и крстот а оние кои што ги купија иконите ќе ги чуваат во своите домови 40 дена за здравје, по што ќе бидат вратени во црквата.



Празникот Богојавление е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од Свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител, а фаќањето на крстот означува соединување на човекот со Христа. Тој важи за еден од најголемите христијански празници.
