Џамбазов: Под мотото „Театарот е жив“ стартува 60. јубилејнo издание на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија
Прес конференција за новинарите се одржа во ЦК „Бели Мугри“ во пресрет на отворањето на 60. јубилејно издание на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија

– Фестивалот со своето 60. издание оваа година ќе понуди интересна програма. Се надевам дека оваа година на нашата театарска публика ќе и овозможиме да уживаат во театарските претстави кои ги одбра нашиот селектор. Годинава имаме тричлено жири, Анкица Венинова, Жарко Спасовски и Сотир Трајков, додека Миле Вртеоски е нашиот водител на разговорите по претставите, а нашиот селектор годинава е господинот Игор Џамбазов. Наши покровители се Општина Кочани, Министерството за култура и ЕУ за тебе, како и општествено одговорните компании се и годинава со нас бидејки фестивалот е белег за Кочани и државата, истакна Кристина Атанасова Арсова, претседателка на Управниот одбор на ДАФ.

– Како селектор, кога ги видов овие неколку претстави за 60 издание на ДАФ, сфатив дека театарот е жив и тоа многу. Затоа решив и мотото на овој роденденски фестивал да биде „Театарот е жив“, а штом сум јас тука и јас сум жив заедно со театарот. Овде ќе видите претстави на театри кои со години доаѓаат овде, како што се Тетовскиот театар, Театарот „Чекори“ од Скопје, а имаме и гости од Балканот, истакна Игор Џамбазов, селектор на претставите на годинашново издание на фестивалот.
Официјалното отворање на 60. издание на ДАФ е закажано за вечерва во 20 часот, а со почеток од 20:30 ч. ќе биде одиграна претставата „Синиот портокал“ на театарот Јордан Х.К Џинот“ од Велес, додека претходно, од 18 ч. во Паркот на револуцијата ќе биде прикажан театарско – музички перформанс „Театарот е жив“.

На годинашното јубилејно 60. издание на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија ќе настапат вкупно 12 домашни и странски театарски групи од кои десет претстави ќе бидат прикажани во натпреварувачки и две во ревијален дел.
Во програмата на натпреварувачкиот дел ќе настапат театри и театарски групи од Кавадарци, Кочани, Скопје и Тетово, потоа од Прокупље, Ниш и Шид од Република Србија, како и од Вуковар од Република Хрватска. Надвор од конкуренција ќе учествува народниот театар од Велес, како и една театарска група од Турција.
На годинашното издание на ДАФ ќе бидат доделени награди за најдобра женска и машка епизодна и главна улога, за најдобра режија, за истражување нови сценски изразни средства и експеримент во аматерскиот театар, специјална награда за најдобра претстава во категоријата театар за деца и младинци и гран при „Васил Ќортошев“.

