Хуманоста на дело: Киро Гоцевски од с. Нов Истевник донираше 200 литри магарешко млеко за повредените во пожарот во Кочани
Киро Гоцевски од делчевското село Нов Истевник е еден од повеќето примери кои покажа дека хуманоста се покажува на дела. Тој донираше 200 литри магарешко млеко за повредените млади лица во трагедијата во Кочани.

Магарешкото млеко поради високото ниво на ензими, се смета за природен антибиотик и е одлично во борбата против бактериските инфекции во организмот, посебно од труење и лечење на кожни болести. Затоа е препорачливо токму младите лица кои се затруени во пожарот во Кочани да го пијат магарешкото млеко за јакнење на имунитетот и чистење на белите дробови.


Екипата на порталот sito.mk разговараше со Киро Гоцевски кој истакна дека по 20 години работа во Швајцарија, решил да се врати во родниот крај и да ја реализира својата идеја за отворање фарма за магариња. Знаејќи ја вредноста на магарешкото млеко и неговите лековити својства тој без двоумење го започнал бизнисот за одгледување на магариња.



-Идејата ја имав уште пред 15-16 години, додека работев во Швајцарија создавав терен за овој бизнис за кој имам околу 250 декари земја. Во Швајцарија претходно работев 20 години, но еден ден, знаејќи ја лековитоста на магарешкото млеко си реков ќе си чувам магариња и решив да го развијам овој бизнис во Македонија, рече за sito.mk Киро Гоцевски.

Имам човек кој се грижи за магарињата, мое е да набавам храна и да го продадам млекото. Цената на магарешкото млеко е 50 евра за килограм, но е многу здраво за децата за кашлица е број еден, само да испие едно шишенце и кашлицата престанува. Магарешкото млеко содржи 60 пати повеќе витамин Ц отколку кравјото и по својот состав е многу слично со мајчиното млеко. Има најмал процент на млечни масти од сите видови на млеко. Се препорачува и на пациентите под хемотерапија, кај болести на дишните патишта, астма, бронхитис и сува кашлица. Се пие свежо, не треба да се вари, треба да се пие по 50 мл. наутро и навечер, раскажува Гоцевски.

Едно магаре да се чува не е тешко, но јас одгледувам 43 магариња. Храната си е од мене јас си ја произведувам, ако ми фали нешто докупувам. Ги чувам тука во фармата, а ги хранам со јонџе, детелина, брашно, јачмен, царевица, пченица. Јас продавам чисто магарешко млеко, не го мешам со никакво друго млеко. Има многу луѓе што се задоволни од млекото, посебно за бронхитис се е исчистено откако го пиеле млекото и како да немале бронхитис. Магарешкото млеко не треба да го пијат само болните луѓе, туку и здравите како превентива.
Јас еве на некој начин со донирање млеко сакам да помогнам на затруените млади лица во пожарот во Кочани за нивно побрзо закрепнување. Се што имам млеко целото ќе го донирам само да бидат добри децата, истакна Гоцевски.
Донираното млеко е кај Методи Митев од Кочани кој стапи во контакт со Киро Гоцевски и апелира до сите млади лица кои се затруени во пожарот да се обратат кај него и да земат од млекото за побрзо закрепнување.
-Сакам да изразам сочувство на блиските на починатите во пожарот во Кочани, а на повредените лица побрзо оздравување и пак да ни го разубават градот како пред трагедијата. Јавна благодарност сакам да упатам до Киро Гоцевски кој донираше 200 литри магарешко млеко и да му посакам голем успех и понатаму во бизнисот. Сите повредени кои имаат потреба од магарешко млеко да се обратат кај мене на тел: 077 955 733, рече Методи Митев од Кочани.