Хуманитарна оризова вечер во организација на Ротари клубот Кочани – Виница
Традиционална осма по ред оризова вечер организираше Ротари клубот Кочани – Виница. Ротаријанците го чествуваа белото злато – оризот, а им оддадоа почит и на оризопроизводителите. Оризовата вечер е со хуманитарен карактер, така што средствата што ќе се соберат од настанот ќе бидат наменети за храна и пакети за социјално загрозените семејства од Кочани и Виница.

-Како што знаеме оризот е наша стратешка култура и од големо значење за нашата котлина. Затоа ние Ротаријанците се собравме оваа вечер да им оддадеме признание на оние кои се занимаваат со оризопроизводителство, да ја подигнеме свеста за значењето на оризот, како и да донираме средства на оние на кои им е најпотребно. Пред извесен период бев во контакт со едно здружение кое работи со лицата од социјално ранливите категории. Добив фрапантни бројки кои говорат дека постојано се зголемува бројот на лица на кои им е потребна храна. Со таа цел се собравме тука да им помогнеме токму на тие наши сограѓани, рече Сашко Андонов, претседател на Ротари клубот „Кочани – Виница“.


Присутни на вечерта беа ротаријанци и гости од други градови од Македонија, како и од соседните држави Србија и Бугарија. Со своето присуство настанот го подржа и гувернерот на дистрикт Раде Христовски, кој е прв Македонец гувернер на Ротари Дистрикт 1912.
-Не дека вечерва сум овде, туку со сигурност тврдам дека Ротари клубот Кочани – Виница е еден од најдобрите во државата. Следејќи ги нивните активности нивните проекти кои тие ги спроведуваат, како работат и како се организирани, јас ценам дека е еден од најдобрите клубови во Македонија. Затоа и се потрудив да стигнам од Словенија за да присуствувам на настанот, рече Раде Христовски , гувернер на дистрикт 1912.

На вечерта присуствуваа и дел од раководството и членовите на Ротаракт и Интеракт клубовите. За забавата се погрижија членовите на групата „Харем“. Интересен дел од настанот беше и натпреварот во требење ориз, како и настапот на фолклористи членови на ФА „Љупчо Сантов“ од Оризари. На крајот од вечерта се делеше и богата лотарија.


Оризовата вечер ротаријанците за прв пат ја организираат во соработка со Општина Кочани во периодот на одржување на настаните од манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“.