Филмот „Што е тоа жена?“ ја наполни салата на ЦК „Бели Мугри“ во Кочани
Филмот „Што е тоа жена?“ на Мет Волш прикажан и во Кочани. Кочанци ја наполнија салата на ЦК „Бели Мугри“ на проекцијата на филмот кој што пред македонската публика го донесоа Коалицијата за заштита на децата и Елеуса Фондација. Станува збор за филм кој е спој на документарец со хумористични нишки, во кој се разработува современата тема околу правата на жените, значењето на жената во општеството и дека истата не може да биде заменета од ниту еден маж.

Прикажани се повеќе интервјуа со најразлични лица – професори, доктори, психијатри, психолози и сл., кои кажуваат едно свое видување на прашањето што е тоа жена.

-Во филмот се разработува една мошне современа и значајна тема – што е тоа жена и како се дефинира жената, со посебен акцент на женските права. Овој филм ни дава пластични примери за последиците од Законот за родова еднаквост – бришење на жената од историјата и нејзино заменување со нешто апстрактно и неодредено. Законот за родова еднаквост моментално е актуелна тема кај нас и бидејќи сметаме дека потребно е секој граѓанин да го изгледа филмот, за да се информира за што станува збор, овозможивме влезот за овие проекции да биде слободен. Насловот можеби збунува, но заслужува одговор. Преку филмот ќе ја откриете сета перверзија и валкана игра која ни се спрема, затоа кој не бил вреди да оди и да погледне. Да бидеме присутни и да го кренеме гласот против ова зло – истакна Ненад Стојанов, претставник од Коалицијата за заштита на децата.

На проекцијата на филмот беа присутни и свештеници од кочанското архиерејско намесништво кој дадоа целосна поддршка на филмот и неговата содржина.

-Најпрво ќе ја искористам приликата да се заблагодарам на Коалицијата за заштита на децата и Елеуса Фондацијата кои што несебично помогнаа да се прикаже овој филм кој што е од голема важност не само за овој град и држава туку за целиот свет, бидејќи дава одговор на едно од најсуштинските прашања во моментов „Што е тоа жена?“. Знаеме од светските трендови кои што се случуваат веќе во Америка и Канада, а како што рекол и нашиот мудар народ „Штом мечката игра кај соседите, ќе дојде и кај нас“ и сведоци сме на тоа дека сакаат да спроведат некои закони кои што не се природни, не се својствени, ниту традиционални и пред се не се човечки. Пробуваат да ни ги наметнат завиткани во розев целофан, но ова е еден повик како граѓанство и како црква да кажеме едно спротивставување на ваквите неприродни работи. Јасно е дефинирано, а јасно и самата биологија тврди што е тоа маж, а што жена и секакви варијации надвор од ова се научно неосновани, а исто и не богоугодни, рече Димитар Арсовски, свештеник во Храм „Св. Вмч. Ѓорѓи“ во Кочани.

По проекцијата во Кочани, во петок на 02. Јуни во 19 часот филмот ќе биде прикажан во Домот на културата во Зрновци како и во другите градови во државата.

