Успешна премиера на претставата „Тунел“, единствен претставник од Кочани на јубилејниот 60-ти Драмски Аматерски Фестивал
Во преполната реновирана сала на ЦК „Бели Мугри“ премиерно беше одиграна претставата „Тунел“ која што оваа година е единствен претставник од Кочани на јубилејниот 60-ти Драмски Аматерски Фестивал чиј домаќин е нашиот град.

Претставата е во режија на Кристина Атанасова Арсова, инспициент Зорица Митева, а учествуваа глумците аматери: Анастасија Михаилова, Љупка Јорданова, Надалина Грозданова, Кристијан Арсов, Бранко Јорданов, Драгана Анастасовска, Иван Арсов, Маја Петрова, Лина Крстова, Матеј Беличев и Благица Иванова.

Под покровителство е на Ротари клуб Кочани-Виница во соработка со Општина Кочани, Фондација за развој на локалната заедница Штип и Ротари клуб Штип. Истата е зародиш на проект кој треба да вроди со оформување на Драмска академија во Кочани.
Претставата има донаторски карактер и сите собрани средства ќе бидат употребени за оформување на Драмската Академија во Кочани.

-Претставата е од аматерски карактер, но режирана од професионален режисер Кристина Атанасова – Арсова и ќе биде единствен претставник на ДАФ оваа година кој воедно е и јубилеен. Темата на претставата е црпена од секојдневниот живот, опфаќа повеќе нивоа и форми, а денеска бевме сведоци на немил настан што се случи во соседна Србија. Насилството во било која форма е проблем на секое општество, а Ротари глобално се бори против него, така што ова претставува наш обид да испратиме порака да се сопре насилството. Искрено сочувство изразувам за жртвите во соседна Србија и да упатувам апел да ги отвориме очите, ушите и устите и да кажеме СТОП на насилството. Претставата меѓудругото има и донаторски карактер, односно собраните средства ќе бидат искористени за формирање на Драмска аматерска академија која би требало да продуцира идни актери од Кочани и Виница, а со нив ќе работат професионалци, истакна Сашко Андонов, претседател на Ротари клубот Кочани – Виница.

Непосредно пред почетокот на претставата со едноминутно молчење беше изразено сочувство за жртвите на немилиот настан во соседна Србија.

Фактот дека за претставата се бараше место повеќе јасно покажува дека на кочанци им недостасуваат содржини од областа на културата, а со реновирање на салата на Центарот истото ќе им биде овозможено, бидејќи од установата најавуваат богати културни содржини за месец мај за кои sito.mk веќе информираше.
