Урнебесната комедија „Обвинителка“ ја наполни салата на ЦК „Бели Мугри“ до последно место
Се бараше карта повеќе за хит театарската комедија „Обивинителка“ која беше одиграна и во Кочани. Во оваа комедија каде Вукиќевиќ ја игра главната улога на сцена ги видовме и македонските актери: Магдалена Ризова-Черних и Сашо Ристовски.
„Обвинителка” ја третира денешната состојба во општеството. Одговара на низа прашања, како е да си обвинителка, како е да си вработен во обвинителство, како се бараат начини за спас од обвинение, љубов, ризик, бегство…
Низ многу комични ситуации публиката уживаше во брилијатната актерска енергија и се насмеа до солзи.


Станува збор за комедија без вулгарности, комедија на ситуации со јасно изразени карактери и комедија која третира актуелна тематика. Комедијата „Обвинителка” дава свој суптилен коментар на денешното време. Преку низата на драмски ситуации актерското трио Вукичевиќ, Ризова и Ристовски со извонредната актерска игра изнуди многу смеа од страна публиката.

-Преку „Обвинителка“ прикажавме како е да се биде бизнисмен, обвинител или вработен во обвинителство? Кои средства се користат за спас од обвинение? Љубовта и страста што можат да му сторат на еден човек, како е да се плашиш и да живееш во страв дека те прислушкуваат, колку и на што се сме спремни за да побегнеме од одговорност и многу општествени случувања кои се карактеристични на денешното време, како и многу други прашања на кои самата претстава го дава одговорот. После полните сали каде и да гостува „Обвинителка” се бара повторна изведба, а кочанската публика беше одлична публика што многу ме радува, рече за sito.mk актерката Вукиќевиќ.


По барање на публиката хит комедијата после Кочани ќе гостува, Кичево, Гостивар, Неготино, Велес и Струмица, а веќе следниот месец се предвидени гостувања и во дијаспората.

Автор на текстoт e Огнен Неделковски, режија, Сашо Ристовски, а улогите ги играат Лидија Вукиќевиќ, Магдалена Ризова-Черних и Сашо Ристовски. Сценограф е Крсто Богојевски, музика Мишел Трајковски, а костимографија на Елена Лука.

