Трибина „Предизвици на младите лекари“ во организација на СДММ – Кочани и Форумот на жени на СДСМ Кочани
На тема „Предизвици на младите лекари“, Општинската организација на СДММ – Кочани организираше јавна трибина на која беа изложени различни аспекти од здравствената сфера низ пренесени искуства на лекари кои од скоро ја почнале својата практика, како и можностите и предизвиците во јавното здравство во Македонија.

Говорници на трибината беа младите лекари, Симеон Стојанов, лекар по општа медицина, Филип Стојанов од Клиниката за кардиоваскуларна хирургија во Скопје како и Душанка Горгиева Трпевски, специјалист по детска и превентивна стоматологија и в.д директорка на кочанската Општа болница.

– Секој млад лекар во нашата држава се соочува со проблеми при вработувањето и мислам дека редно време е да се искорени практиката партиско политичко вработување и дека треба да се вработува врз основа на постигнатиот успех. Актуелен проблем е и невалоризацијата на трудот на лекарите во приватните здравствени установи во однос на јавното здравство. Имено, тие го злоупотребуваат младиот доктор и не го плаќаат доволно како што заслужува и како што е достоинствено. Испративме јасна порака на младите лекари во Македонија дека треба да останат во нашата држава, треба да бидат дел од јавното здравство и да го промовираат, бидејки тие го завршиле образованието тука, за нив се вложени огромни средства и треба да и возвратат на државата и граѓаните, истакна докторот Филип Стојанов.

Пренесувајки го своето искуство, докторката Душанка Горгиева Трпевски нагласи дека предизвиците се постојани пред младите луѓе, без разлика во која област работат, а тоа е присутно и во здравствениот сектор.

– Периодов преземени се мерки со кои состојбата е подобрена, а тоа ќе продолжи и во следниот мандат на новата влада, во која уште повеќе ќе се валоризира трудот на вработените во здравството. Во програмата на СДСМ е зацртано платите на младите лекари специјалисти да изнесуваат 180 илјади денари, општите да земаат 120 илјади денари, а медицинските сестри 90 илјади денари. Исто така, во кочанската Општа болница беше обезбедена современа опрема за дијагностицирање на здравствени проблеми кај граѓаните со што условите за работа се подобруваат, истакна Горигева Трпевски.

На трибината, присутните слушатели имаа можност да поставуваат прашања на актуелни теми што ги засегаат здравствените работници и граѓаните во Македонија.
