Со положување свежо цвеќе започна одбележувањето на 7 и 8 Септември
По повод 7 Септември, Денот на ослободувањето на Кочани и 8 Септември, Денот на независноста на Македонија, в.д. градоначалникот на Општина Кочани Венко Крстевски, со членови од Советот на Општината, делегации од Сојузот на Здружението на борците од НОВ како и партиски делегации положија свежо цвеќе на Споменикот на слободата и на бистите на Љупчо Сантов и Раде Кратовче во Паркот на Револуцијата.

Во пресрет на двата празника, в.д. градоначалникот упати честитка кон граѓаните во која се вели:

„На овие два датуми, кога го одбележуваме ослободувањето на Кочани и независноста на нашата татковина, се потсетуваме на борбите на нашите предци кои оставија траен печат на историјата.

Денот на ослободувањето на Кочани и Денот на независноста на Македонија се денови кои нѐ поврзуваат и нѐ потсетуваат на заедничките вредности што ја формираат нашата иднина.

Нека истите бидат потсетник за важноста на слободата, единството и стремежот за напредок.

Нека ни се честити празниците, 7 Септември, Денот на ослободувањето на Кочани и 8 Септември, Денот на независна Македонија!“
