Соопштение од старешината при храмот Св. Георгиј Победоносец – Кочани
Соопштение до нашите најблиски браќа и сестри
Настојателството при храмот „Св. вмч. Георгиј“ во Кочани, по повод незадоволството од страна на одредени граѓани во врска со палењето свеќи во паркот и потпишувањето во книгата на жалост
Почитувани браќа и сестри во Христа,
Според нашата христијанска вера, додека на починатиот или починатата личност не е извршено опело, свеќа не се пали. Затоа беше одлучено свеќите да се палат во Градскиот парк до денот на нивното опело или погребение. Бидејќи во четвртокот се изврши опелото на нашите најмили и достојно ги испративме, затоа ја донесовме оваа христијанска одлука понатаму свеќите да се палат во самиот храм, на место каде што прилега. Исто така да напоменеме дека сите ние знаеме дека после погребение свеќите се палат и на самите места каде телата им се погребани (гробиштата).
Во врска со книгата на жалоста, таа е во нашиот Храм од наше снисходење за да се има некоја утеха. Бидејќи, да напомениме, молитвата е пред сѐ во нашата вера, а не потписот што е во книгата. Некому ова можеби ќе му пречи, но затоа ја оставивме книгата во Храмот да се потпишат, а во меѓувреме и да се помолат за душите на починатите.
Што се однесува до лицата од другите вероисповеди, ние како заедница се заблагодаруваме што изразија почит кон нашите починати браќа. Исто така ги повикуваме – вратите се отворени и за нив доколку некој сака да се потпише во книгата, како што веруваме дека и тие тоа би го дозволиле од нивна страна.За крај, молиме во овие тешки денови кога највеќе треба да се посветиме на молитва за покојните и побрзо оздравување на болните, да не се „препукуваме“ политички и барем еднаш да постапиме христијански во Духот на нашиот Спасител Господ Исус Христос, кој знаејќи дека ќе го распнат, сепак го даде своето тело за нас за да нѐ поучи и научи како да постапуваме христијански.
Со почит,Отец Гоце ЕфтимовСтарешина при храмот Св. Георгиј Победоносец – Кочани со братство и настојателството при самиот храм.
