Се одржа 4. Меморијален турнир во шах во чест на Тодор Милосиев-Тошо
Во организација на Шаховскиот клуб „Кочани“, се одржа 4. Меморијален турнир „Тодор Милосиев-Тошо“.

Во спомен на долгогодишниот претседател, шаховски тренер и еден од најактивните членови на Шаховскиот клуб, настапија 20 учесници од најразлични возрасти.

Првото место на турнирот го освои интернационалниот шаховски мајстор Ванчо Стаменков, второто – Гоце Ѓорѓиев, а третото – Бошко Стаменков.

– Пред 20-ина години, имав чест да ја учам шаховската игра од Тодор Милосиев. Тој беше вицешампион во проблемски шах на ниво на Југославија, беше претседател на клубот кога „Кочани“ и „Алкалоид“ го делеа првото место на Државниот шампионат во 2012 година и кога „Кочани“ учествуваше во шаховската Лига на шампиони. Наша задача е, повторно да го вратиме Кочани во редот на најшаховските градови. Тоа ќе го направиме преку иницијативи како што е „Шах за секое дете“, потоа со пренесување на знаењето од кочанските врвни шахисти на младите и со организација на квалитетни турнири – истакна во обраќањето в. д. градоначалникот на Општина Кочани Венко Крстевски.

Меморијалниот шаховски турнир „Тодор Милосиев-Тошо“ се реализира со финансиска поддршка од Општина Кочани.
