Се одвиваат работите од првата фаза за реконструкција на булеварот „Тодосија Паунов“
Во тек се градежните активности од првата фаза за реконструкција на булеварот „Тодосија Паунов“.

Стручните служби од Општина Кочани информираат дека се бетонираат стопите и се поставува арматурата за потпорните ѕидови.

Избраните економски оператори „Стентон градба“ – Битола и „Стоименов“ – Кочани работат на темелната конструкција на потпорните ѕидови, од којашто се изградени стотина метри.

Целосната реконструкција на булеварот ќе се одвива од спојот со улицата „Киро Кикенски“ до почетокот на разделното зеленило кај СОУ „Гошо Викентиев“, во должина од 1.000 метри.

Вкупната сума за реализација на договорот за реконструкција на булеварот „Тодосија Паунов“ изнесува 88.463.567 денари, средства одобрени за Општина Кочани од унгарскиот кредит Владата на РС Македонија.

Во финансиската конструкција на овој проект Општина Кочани учествува со сопствени средства во износ од 3 милиони денари.
