Саниран дефект на цевководот од системот за водоснабдување во Кочани
Жители од високата водоснабдителна зона во Кочани, неколку месеци се соочуваа со недостиг на вода. КЈП „Водовод“ ја поправи пукнатата цевка што поврзува три бунара и ја носи водата до собирниот резервоар во Препумпната станица во Грдовци.

– Цевката не беше во функција и од тие три бунара се црпеа само 40 литри во секунда, или вкупно од целиот систем – само 200 литри во секунда. Со отстранувањето на дефектот, којшто е настанат во средината на јануари, ќе се дистрибуира вода со вкупен капацитет од 240 литри во секунда. Со полнењето на целиот систем со вода, ќе се пуштат и сите препумпни станици низ Кочани, со што ќе се нормализира комплетното водоснабдување во Кочани – соопшти в. д. градоначалникот на Општина Кочани Венко Крстевски.

Крстевски додава дека со вредна и посветена работа се решаваат голем дел од наследените проблеми кои се провлекувале подолг период.
