Ротари клубот Кочани – Виница со хуманитарна театарска претстава ја одбележа 118 годишнината од формирањето на првиот Ротари клуб во светот
Со донаторска театарска претстава Ротари клубот Кочани – Виница ја одбележа 118 годишнината од формирањето на првиот Ротари клуб во светот и постоењето на ротаријанското движење. Организираше хуманитарен настан чија цел е да помогне во развојот на драмската уметност во двете општини Кочани и Виница.

Во сината сала во Виница беше одиграна театарската претстава „Пасивно пушење“ во изведба на Народниот театар од Штип во режија на Ненад Витанов и со актерите : Владимир Тулиев, Миле Вратеовски, Пеце Ристевски, Кристина Атанасова Арсова и Марија Минчева Андонов. Публиката уживаше и се смееше во едноипол часовната комедија.

-Денеска ја одбележуваме 118 годишнината од формирањето на првиот Ротари клуб во светот, оформен во Чикаго 1905 година од адвокатот Пол Харис заедно со свои пријатели кои одлучуваат да го променат светот. И денес, после 118 години, горди сме што и нашите две општини Кочани и Виница се дел од Ротаријанското семејство. Денеска сме собрани тука со хуманитарна цел, да собереме средства со кои ќе оформиме драмска академија во која ќе учествуваат ученици од двете општини, а ќе бидат водени од професионалци. Нивна прва задача ќе биде да подготват тетарска претстава со која ќе не претстават на Драмскиот Аматерски Фестивал кој годинава слави 60 години одржување, а подоцна да станат и професионалци како вечерашниве актери во театарската претстава, истакна Сашко Андонов, претседател на Ротари клуб Кочани – Виница.


Меѓудругото Андонов истакна дека годинава се одбележуваат и десет години од постоење на Ротари клубот Кочани – Виница и најави низа активности за одбележување на 10 годишнината од постоењето.

