Промовирана поетската збирка „Патека од ружи“ од Ружа Стојмилова
Во ЈОУ Библиотека „Искра“ – Кочани беше промовирана поетската збирка „Патека од ружи“ од авторката Ружа Стојмилова. Ова е нејзина втора книга во која се поместени педесетина песни со различна тематика. Се издвојуваат љубовните мотиви, тагата по изгубената љубов, но присутни се и оптимизмот, непокорот и верата во себе.

-Ова е моја втора книга. Инспирацијата ја црпев од секојдневниот живот, а темата е различна – има автобиографски теми, тема посветена на годишните времиња, на празници, на настани. Иако мојата животна патека не беше послана со ружи, јас со мојата позитивна мисла успеав да си ја направам да биде послана со ружи, а и името ми се совпаѓа со насловот на книгата. И првата книга е насловена „Боцки“, значи се е поврзано со ружите. Песните се посветени на прерано починатиот мој сопруг, а пораката која сакам да ја пренесам на читателите е со што и да се соочат во животот никогаш да не се откажуваат, рече авторката Ружа Стојмилова.

Модератор на промоцијата беше Љубинка Ајтовска, а промотори Иван Котев и Ленче Стоименова.

-Книгата на Ружа Стојмилова е извонредно литературно дело. Ги спојува двата дела, спојува крај со крај, човек со човек, што значи има една голема симболика во нејзината поезија. Таа во своите песни пишува за семејството, за љубовта, за животните предизвици, пишува воопшто за животот како една целина и многу ме радува што ја доживеа својата промоција. Очекувам дека оваа книга ќе биде читана и ќе доживее повеќе изданија, истакна Иван Котев, промотор на книгата.


Ружа Стојмилова пишува поезија од мала, учествува на наградни конкурси за поезија и честопати ги освојува првите награди. Вешта е во пишување афоризми, редовен учесник е на Афористичките вечери, на кои добива дипломи пофалници и награди.

Стихови од песните читаше Ивона Тодорова, победничката на ораторската вечер што се одржа во Штип. Издавањето на книгата финансиски е поддржано од Општина Кочани.

