Промовирана книгата „Љубовта во седмо-три“ од авторката Соња Гиздавиќ, започна одбележувањето на Месецот на книгата
Денес, во училишната библиотека во ОУ „Никола Карев“ се одржа промоција на стихозбирката „Љубовта во седмо-три“ од авторката Соња Гиздавиќ. Промоцијата беше по повод одбележувањето на Месецот на книгата, кое училиштето ќе го одбележува до 15 ноември.

-Денес ја промовираме книгата „Љубовта во седмо-три“ од нашата роднокрајна авторка Соња Гиздавиќ. Драго ни е што отпочуваме со оваа книга, бидејќи се смета за прва книга детска љубовна поезија во македонската литература. Ќе разговараме околу песните, како се напишани, на кого се посветени, истакна Љупка Стојменова.
Авторката го истакна своето задоволство да се претстави пред учениците од ОУ „Никола Карев“ , бидејќи и таа има учено во истото училиште.

-На разговор ќе биде мојата прва книга поезија „Љубовта во седмо-три“ обајавена од библиотеката „Искра“ од Кочани. Во неа се говори за првите детски симпатии меѓу момчето и девојчето во седмо три. Во тоа време оваа книга крена огромна прашина, а децата одлично ја прифатија. Од заводот за школство беше забранета да се дистрибуира и продава во училиштата како неморална книга, истакна Соња Гиздавиќ, авторка на книгата.

Оваа книга е објавена 1977 година, а има и реиздание пред десет години. Други нејзини попознати стихозбирки се “На децата за убав сон“, „Мамо колку те сакам“ и „Приказни од петка“.
