Отворени денови со пожарникарите за основците од Кочани организираше ТППЕ
ТППЕ и ДПД од Кочани за прв пат организираа настан – отворени денови за учениците од основните училишта од Кочани и населбата Оризари. Целта е децата уште од најмала возраст да се запознаат со работата на професионалните и доброволните пожарникари.

На учениците од одделенска наства им беа презентирани броевите за повик во случај на пожар, возилата со кои располага ТППЕ и ДПД – Кочани, а им беше објаснето и во какви случаи интервенираат пожарникарите.


-Денес и утре имаме отворени денови за учениците од основните училишта при што децата ги запознаваме со нашата работа, како и на доброволците. Им вршиме едукација на учениците од сите основни училишта од Кочани, и од населбата Оризари. Доколку имаат потреба од нашата единица може да се јават на бројот 193 или пак на 112, потоа операторот ги насочува кон соодветната служба. Учениците се претежно мали, денес имавме ученици од основните училишта „Раде Кратовче“, „Малина Попиванова“ и од „Крсте Петков Мисиров“ од Оризари. Утре пак ги очекуваме учениците од „Св. Кирил и Методиј“ и „Никола Карев“, истакна командирот на ТППЕ – Кочани, Драган Апостолов.


Командирот на ТППЕ – Кочани, Драган Апостолов додаде и дека в понеделник, 20 мај ќе го одбележат Денот на пожарникарите.



-Во понеделник го одбележуваме денот на пожарникарите. Околу девет часот ќе имаме дефиле со нашите возила низ улиците во Кочани. На настанот што ќе се одржи в понеделник во кругот на ТППЕ – Кочани предвидено е доделување на награди на најдобрите професионални и доброволни пожарникари, додаде Апостолов.