Отворена нова медијатека во ОУ „Крсте Петков Мисирков“ Оризари
Во ОУ „Крсте Петков Мисирков“ во Оризари пуштена е во функција нова медијатека која располага со богат книжевен фонд и литература на македонски и англиски јазик. Оваа медијатека ќе работи за потребите на учениците, со цел да ги задоволи потребите за нивните наставни содржини. Опремена е со компјутер со пристап до интернет, како и со лаптоп компјутери донација од Драган Захариев, директор на фирмата one-inside.
-Секој ученик кој припаѓа на нашето училиште е член на медијатеката и му се нуди можност да има навремено обезбедена лектира, да позајмува книга по сопствен избор, да добие помош во изборот на книгата од библиотекарот, како и користење на електронската литература – истакна директорката на ОУ „Крсте Петков Мисирков“, Соња Иванова.

Иако основна намена на медијатеката е позајмување и користење на книги и библиотечен материјал, сепак ќе биде од важно значење за учениците во однос на оспособување на учениците, активно и одговорно да учествуваат во општествениот и културниот живот, да ја развиваат својата личност и потенцијал, како и успешно да ги задоволуваат своите интереси, умеења, вештини и способности.
Медијатеката е целосно опремена со средства од училиштето.

