Отворена изложбата „40 години ликовно творештво – Димитар Лазов – Лав“
По повод 40 години ликовно творештво во Фоајето 1 на НУЦК „Бели Мугри“ вечерва беше отворена изложбата на ликовниот уметник Димитар Лазов – Лав.

На изложбата беа поставени уметнички дела, креации на уметникот творени во минатиот четириесетгодишен период.

-За прв пат сум во Кочани со свои дела, ова е моја 17 та самостојна изложба. Јас доаѓам од Свети Николе и сум претстедател на Друштвото на ликовни уметници од нашиот град. Благодарение на добрата соработка помеѓу Центрите за култура на Кочани и Свети Николе еве ја отвараме оваа моја изложба и одбележуваме 40 години од мојата прва изложба. На зиложбата се претставени 21 дело работени во техника акрил на платно од кои повеќето се мртва природа, рече ликовниот уметник Димитар Лазов – Лав, автор на изложбата.

-Оваа изложба е во годишната програма на ЦК „Бели Мугри“, финансиски поддржана од Министерството за култура на РС Македонија. Овде се претставени негови дела, а превземањето е од Музејот во Свети Николе поради што упатуваме голема благодарност и до директорот на Домот на културата во Свети Николе. Очекуваме и понатаму да имаме самостојни и групни изложби во нашиот Центар за култура, рече Александра Димитрова, од ЦК „Бели Мугри“ Кочани.

– Димитар веќе четириесет години ја негува својата љубов кон уметноста и со својата четка ги отсликува своите впечатоци од природата, архитектурата, бојата, светлината ја бара формата, го прикажува просторот и амбиентот. Кога ќе ги погледнеме неговите дела ќе забележиме дека природата, односно пејзажот е мотивот кој се проткајува во секое негово дело. Инспириран од живописната околина на Свети Николе, преку богатиот колорит, тонот и перспективата во својот сликарски израз, веродостојно ни го доловува амбиентот толку каректеристичен за овој предел. Покрај фигуративните композиции кои доминираат во неговиот творечки опус, се испробал и во нефигуративната, апстрактна композиција, каде како проблем повторно ги поставува во преден план просторот и перспективата, напиша Маја Ефтимова Стојанова – Ликовен уметник и педагог.

Авторот Димитар Лазов- ЛАВ е роден во Свети Николе. Со сликарство се занимава од мали нозе, членувал во КО-РА Скопје. Еден е од основачите на друштвото на ликовни уменици „Овчеполски спектар“ и негов претседател. Досега имал 14 самостојни изложби, 80 групни и учесник на 25 ликовни колонии во Македонија, Србија и Бугарија. Добил многубројни награди и признанија во областа на ликовната уметност.

