Отворена изложбата “Метаморфози” на Викторија Митева и Орхан Ќамил
Во ЦК „Бели Мугри“ во Кочани вечерва беше отворена изложбата “Метаморфози” на Викторија Митева и Орхан Ќамил.

-Метаморофзата е насекаде околу нас.Суштината е да ја пронајдеме вистината во себе – онаа имитација и мимикрија која ја доживуваме преку природата, следејќи ја, анализирајќи ја, понекогаш имитирајќија – таа создава слоеви на метаморфозната корупка во која ние, внатрешно, од истата природна мимикријa, се развиваме.
„Визуелна метаморфоза” е термин што го користиме за да укажеме промена на обликот во уметноста. Тоа му овозможува на уметникот да трансформира форма што претставува едeн предмет- во слична форма, која преставува нешто друго. Ова, пак, овозможува едно значење да се сокрие зад друго значење. Уметникот, преку природен процес, можеби несакано, препуштен е на себеослободување- се ослободува од сопствената корупка, од сопствената имитација, сопствената мимикрија. Хронолошки, низ минатото, а и сегашноста, уметниците претпоставуваат дека позајментата форма позајмува значење и дека не постои разлика помеѓу идејата за една слика и композицијата на една форма. Зборот “форма”, навраќајќи се на Платон, значи “идеја”. Симболот за средба помеѓу физичкиот и духовниот свет и порталот кој ја претвора духовната енергија во акција, спроведена во реалниот свет – е скриеното мајсторство за спојување на нијансите на човековата перцепција, внимание и свесност.
Креативниот процес зазема нешто нематеријално: идеја, излив на инспирација или концепт – и го обликува во нешто опипливо, материјално и димензионално, преку чинот на преземање на одговорност за отелотворување и опредметнување на мислата. Оттука, бојата како ликовно средство е лепилото меѓу двата слоја: боја како опиплив материјал и боја како симболика и персонална или универзална метафора; визуелната метаморфоза,во еден сликарски процес на дуално трагање, кое во еден чин постанува унифицирано, од рамна, дводимензионална површина сега постанува релјеф, структура, искршен камен, внатрешен контемплативен пејзаж, годишно време, комплексен простор- од кој извира тродимензионалноста на материјата и се впушта во повисоките димензии, односно, од формата оди кон трагањето по визијата, суштината и скриената симболика – истакнаа уметниците на изложбата.

