Општина Кочани и КЈП „Водовод“ добиваат швајцарска поддршка преку проектот „Отпорни и ефикасни комунални претпријатија“
В. д. градоначалникот на Општина Кочани Венко Крстевски го потпиша договорот за техничка и финансиска поддршка во рамки на проектот „Отпорни и ефикасни комунални претпријатија во Северна Македонија“, кој се реализира во соработка на Владата на РС Македонија, застапувана од Министерството за животна средина и просторно планирање и Владата на Швајцарската Конфедерација, застапувана од Државниот секретаријат за економски прашања (SECO).
Целта на проектот е да ја зголеми отпорноста и ефикасноста на комуналните претпријатија за водоснабдување и отпадни води во услови на климатски промени, енергетски кризи и емиграција.

– Ова претставува важна поддршка од Владата на Швајцарија за продолжување на заедничките напори за унапредување на јавните комунални услуги во Кочани. Очекуваме со проектот да се подобрат оперативните и финансиските перформанси на кочанското комунално претпријатие, како и да се зајакне неговиот капацитет за енергетска ефикасност и за обновливи извори на енергија – истакна Крстевски по потпишувањето на договорот.
Вкупниот износ на овој проект е 7,5 милиони швајцарски франци, во кои Министерството за животна средина учествува со 800.000 франци. Финансиското учество на општините ќе биде определено според бројот на жителите.
Средствата ќе бидат распределени на седумте општини вклучени во проектот, по изработувањето на анализите за идентификација и мерење на напредокот на клучните индикатори за успешност, поврзани со неприходовната вода, енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија.

По доставувањето на предложените мерки во техничката документација ќе биде финансиран пилот-проект.