Новогодишен концерт на ООМУ „Ристо Јуруков“ – Кочани на 25 и 26 декември
ООМУ „Ристо Јуруков“ – Кочани ги привршува подготовките за годинашново 23-то издание на традиционалниот новогодишен концерт на учениците и наставниците од кочанското основно музичко училиште.

Годинава концертот повторно се враќа на старата локација, во НУЦК „Бели Мугри“, откако претходно четири години поради ковид-пандемијата и сплет на околности се изведуваше онлајн, на отворено или во салата на Мултикутурниот центар во Кочани.

-Пред публиката ќе се изведат четири концерти, на 25 и 26 декември, со почеток од 17 и 19 ч. во големата сала на НУЦК „Бели Мугри“ во Кочани. Новогодишниот концерт се организира под покровителство на Општина Кочани, додека како спонозор на костимите и годинава е компанијата „ИНТ Груп“. 23 не е мала бројка, голема бројка за која несебично вложуваат сите наставници, ученици и родителите. Бројка која кажува сама за себе. Поради пандемијата и некои други случувања настанот го немаше во ваков состав четири години, годинава дадовме голем напор за повторно да го повторно во салата на „Бели Мугри“. Се надевам дека овие четири претстави ќе бидат пред полна сала публика за да ја видат радоста и предновогодишната забава, да го видат она што децата го сакаат, она што ние го сакаме и она за кое работиме, соопшти Марија Лазарова, директорка на ООМУ „Ристо Јуруков“ – Кочани.

На концеритете ќе настапи хорот и оркестарот на кочанското музичко училиште со близу 180 ученци заедно со нивните наставници.
Влезниците за концертот може да се набават на билетарницата на НУЦК „Бели Мугри“ по цена од 300 денари.
