„Не за родовата идеологија во училиштата, актите и документите во Општина Кочани“- ЗГ „Родителски фронт“ започна со собирање потписи за петицијата
Здружението на граѓани „Родителски фронт“ започна со собирање потписи за петицијата „Не за родовата идеологија во училиштата, актите и документите во Општина Кочани“. Граѓанската организација ги застапува и промовира традиционалните вредности и правата на децата, поттикнат од родовата пропаганда и родовата идеологија која, како што велат, противзаконито и без согласност на родителите се инфилтрира во наставните програми во училиштата.

-Сакам да истакнам дека никој нема ништо против нашите сограѓани кои имаат поинаква сексуална ориентација, тоа е нивен избор, но сме против наметнување на родовата идеологија преку која ќе се отвори можност за постепено уништување на семејството и општеството. Повеќе нема да молчиме бидејки сето тоа не е во ред, не е прифатливо и нема да го дозволиме. Само родителите имаат право да одлучуваат за своите деца, а не некои родови идеолози бидејки родителот најдобро знае што е најдобро за своето дете. Сите сме за реформи во образовниот систем и за негово подобрување, но проблемите нема да се решат со оваа идеологија која нуди работилници со краставици и презервативи. Повеќе нема да глумиме слепи и да бидеме рамнодушни. Со ова се разурнува здравото потомство и здравото семејство. Затоа Родителскиот фронт ќе превзема низа активности со кои нема да дозволи да имаме доживотно осакатени деца и ќе покажеме дека сите сме за зачувување на традиционалните семејни вредности. Затоа ве повикувам сите да дојдете да се потпишете на оваа петиција и да кажеме едно големо НЕ за родовата идеологија во училиштата и програмите и актите на општината, истакна Ненад Стојанов од „Родителски фронт“.

Собирањето потписи Петиција „НЕ за родовата идеологија во училиштата, актите и документите во Општина Кочани“ ќе продолжи и во наредните денови од 19 ч. во Трговскиот центар во Кочани.



