Натпревар по краснопис во ОУ „Никола Карев“ по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик
Во ОУ „Никола Карев“ се реализираше натпревар по краснопис на кој учествуваа по 12 ученици од четврто и петто одделение од централното и подрачните училишта од Грдовци и Тркање.

Најдобар краснопис во категоријата за четврто одделение имаа ученичките Теа Атанасова, која го освои првото место, Василија Чапевска се закити со второ, а на Нина Ристова и припадна третото место. Кај петто одделенците најубави ракописи прикажаа ученичките Јована Митева, Мелани Митева и Бојана Крстева.

По натпреварот, учениците од предметна настава прочитаа рецитали и стихови од македонски поети.
Со спроведените активности, учениците од одделенска и предметна настава се вклучија во одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.

Инаку, според статистичките податоци во последните три века е забележано драстично изумирање на јазиците, а во моментот во светот опстојуваат над шест илјади јазици, а на половина од нив им се заканува и исчезнување.



