Матурантите од СОУ ” Љупчо Сантов” го прославија завршувањето на средното образование
За 136 ученици од двете струки во СОУ „Љупчо Сантов“ вечерва беше означен крајот на учебната година.

На прославата на матурската вечер, организирано со класните раководители, матурантите влегуваа во училишната зграда каде што го одржаа последниот класен час. Пред заминување на забавата, матурантите продефилираа во дворот на училиштето со своите класни раководители по што се упатија на организираната прослава во ресторанот „Амор“.

Директорот, Љубомир Гацов истакна дека генерацијата на ученици 2020/24, учебната година пред четири години ја почнале онлајн, но успешно ја завршија и по онлајн часовите.

-Во 2020 година ја почнаа, а во наредните четири години растевме, учевме и се дружевме и еве завршуваме во 2024, со тоа што овие ученици би биле успешни граѓани, а понатаму и успешни работници, а некои од нив би го продолжиле своето образование во високо образовните институции. Учениците кои сега завршуваат беа распоредени во 8 паралелки и тоа, гимназиско образование, економско-правна и трговска струка, истакна Љубомир Гацов, директор на СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани.

Поголем дел од матурантите со кои разговаравме истакнаа дека средношколските денови поминати во кочанската гимназија ќе ги паметат до крајот на животот.

Пофални зборови за генерацијата ученици 2020 /2024 упати и професоркиот кадар при СОУ „Љупчо Сантов“.

-Најпрвин и ја честитам матурата на сите ученици и вечерва посакувамда си помината незаборавно. Исто така и посакувам и многу успех и во понатамошното школување и нека ја одберат вистинската професија што ја посакуваат, рекоа професорите.

На матурантите на почетокот на следниот месец и претстои и Државна матура. Испитите ќе ги полагаат во утврдени термини, а доколку не успеат да положат имаат и августовска сесија што ќе се одржи на 12 и 14 август. Новина од оваа учебна година е тоа што матурата ќе ја полагаат во спортски сали или холови, односно во поголемите простории со кои располага училиштето.
