Мали олимписки игри: Второ место за екипата домаќин – ООУ „Крсте Петков Мисирков”- Оризари во футсал девојчиња
ООУ „Крсте Петков Мисирков”- Оризари беше домаќин на малите олимписки игри за основни училишта. Во спортската сала на училиштето се играше турнир во футсал (девојчиња).

Државен првак во футсал девојчиња за основни училишта е екипата на ООУ „Гоце Делчев“ од Прилеп, второ место освоија домаќините ООУ „Крсте Петков Мисирков“ од Оризари, а трето пласирана е екипата на ООУ „Браќа Рибар“ с. Табановце – Куманово.

Организатор на малите олипмиски игри е Федерацијата на училишни спортови кои години наназад вложува во развојот на спортот во училиштата. Тоа резултира со поголем број на спортски клубови од кои произлегуваат идни репрезентативци.


Важноста на ваквите училишни спортови во ера на брзиот технолошки развој е голема.
Преку спортот не само што учениците имаат правилен физички развој туку спортот овозможува поголема социјализација и ја развива тимската игра, рече пред присутните претставникот на Федерацијата на училишен спорт Славчо Давитков.

По интонирањето на Химната на РСМакедонија присутните ги поздрави директорката на училиштето домаќин Милева Богданова при што беше дадено едноминутно молчење во чест на загинатите во трагедијата во Кочани.

Први играа девојчињата од ООУ „Браќа Рибар“ с. Табановце – Куманово со екипата на ООУ „Гоце Делчев“ од Прилеп каде што екипата од Прилеп ја совлада екипата од Куманово со резултат од 5:1.

Домаќините ООУ „Крсте Петков Мисирков“ од Оризари играа со екипата на ООУ „Партение Зографски“ Скопје и влегоа во финале со победа од 3:1.

За трето место играше екипата на ООУ „Браќа Рибар“ с. Табановце – Куманово со екипата на ООУ „Партение Зографски“ Скопје. Победи екипата на ООУ „Браќа Рибар“ с. Табановце – Куманово со резултат од 8:0 со што го освоија третото место.
Државен првак на малите олимписки игри во футсал девојчиња за основни училишта е екипата на ООУ „Гоце Делчев“ од Прилеп кога со резултат од 3:0 ја совлада второпласираната екипа на домаќинот ООУ „Крсте Петков Мисирков“ од Оризари.
Преку ваквите натпреварувања се покажа дека спортот не познава граници, години, пол боја и вера. Спортот едноставно обединува и претставува дружење, разменување искуства, љубов, желба, сила и истрајност.