Литија и кршење на славскиот колач по повод Петровден
По празничната вечерна богослужба во црквата „Св. великомаченик Георгиј“ на која чиноначалствуваше митрополитот Брегалнички г. Иларион, во Градскиот парк, по повод Петровден беше организирана литија и осветување на славскиот колач.

Празникот Петровден на присутните им го честита митрополитот Брегалнички г. Иларион.

– Денеска е пасха и радост за секоја човекољубива и христољубива душа, овој ден Господ го создаде да се радуваме и веселиме во него. Благословен е оној народ којшто има светители, којшто има молитвени застапници и преку нив е близок со Господа, чекори по Господа и го освојува царството небесно и вечноста. Ги славиме вековните закрилници и заштитници на градот Кочани, на сите луѓе овде, коишто живееле пред нас, кои живеат и ќе живеат по нас. Ви го честитам овој празник, ви посакувам многу здравје, благослов и успех во животот, Господ Бог секојпат да ве чува, а апостолите, како и секојпат досега, и отсега да го чуваат овој град и сите вас коишто живеете во него – истакна митрополитот Иларион.

По повод празникот Петровден, утре, во 8 ч., во црквата „Св. вмч. Георгиј“ ќе се одржи света божествена литургија со која ќе чиноначалствува митрополитот Брегалнички г. Иларион.




