Кочанската публика уживаше во познатите македонски евергрини
Концерт „Македонски евергрини“ се одржа вечерва во НУЦК “Бели Мугри” Кочани.

Истиот беше во организација на ЦК „Бели Мугри“ во соработка со ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ Штип, а дел од програмата на Центарот за култура за оваа година.

На концертот настапија учениците и професорите од штипското училиште со својот оркестар и се претставија со најпознатите македонски евергрини под диригентската палка на Славица Деспотова.

Аплаузот на публиката покажа дека на Кочани му недостасуваат и никогаш не се доста ваквите културни настани.

-Сакам да Ве поздравам и да се заблагодарам на директорот на ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ кој што ја прифати мојата покана да учествуваат пред кочанската публика и да одржат концерт на познатите македонски евергрини. Вечерва имате можност да уживате во македонските стари најубави песни кои секој од нас си ги потпевнува секојдневно, рече Ана Зафирова, директор на ЦК „Бели Мугри“.

Публиката уживаше во настапот на учениците и професорите кои ги отпеаја песните „Свирете ја зајди зајди“, „Чија си“, „ Еми“, „Лиду лиду ду“, „Љубовта е моја религија“ и други познати песни, а се чини највпечатлива беше оперската изведба на професорката Виолета Арсовска со „Ангели ме носат“, Сè е исто како лани” во изведба на проф. Зоран Настов и проф. Виолета Арсовска и „Виолина и гитара во изведба на проф. Никола Јанков и Димитар Филев.

ЦК „Бели Мугри“ не застанува тука со организирање на културни настани. На 5 Ноември ќе биде отворена Меѓународната ликовна колонија „Ѓуриште“ 2024, а на 8 Ноември Изложбата на слики од „Валандовската ликовна колонија“ 2024.

