Кочани домаќин на 33. Меѓународно мото-рели „Македонија независност“
Денес во Кочани се реализираше 33. издание на Мото – рели „Македонија независност 2024“. На настанот учествуваа околу 400 мотоциклисти од државата и странство кои за три дена со моторите ќе ја заобиколат целата држава по претходно договорена маршрута.

Мото релито почна во Скопје, а првата попатна пауза беше во Кочани.
-Мото клубот „Желки“ од Кочани веќе петти пат организира пауза на Мото – релито „Македонија независност“. Знаеме дека тоа е манифестација што се одржува точно 33 години без прекин, а ние како домаќини ги угостуваме нашите колеги мотоциклисти со храна и пијалаци и им овозможуваме освежување. Јас се заблагодарувам на сите спонзори кои помогнаа да се реализира овој настан меѓу кои „Руен Инокс Автомобиле“, „Тинг Инокс“, „Винчини“, „Ауто Велт“, „Шипад стил“ – Виница, истакна Момчило Хаџи Паунов, претседател на Мото-клубот „Желки“.

На мото релито учествуваат мото-клубови и моторџии од државата како и од други европски земји.
– Со релито продолжуваме кон Виница, Берово потоа Струмица каде имаме пауза потоа одиме Струмица, Дојран каде што имаме вечера и забава и ова е крај за првиот ден. Вториот ден тргнуваме од Дојран во 10 часот и одиме Гевгелија, Неготино, Кавадараци каде што имаме и пауза, а потоа Битола, Галичица и последната дестинација за вториот ден е Охрид, а таму имаме завршна вечер и прогласување и доделување на наградите. Третиот ден тргаме од Охрид и одиме кон Кичево каде имаме и пауза, а потоа возиме кон Стража, Гостивар, Тетово и Скопје е последната дестинација каде го завршуваме релито, кажа Зоран Трајковски претседател на Мото федерацијата.

Мото-релито „Македонија независност“ е единствен спортски настан кој се одржува во континуитет точно 33 години, а неговата цел е промоција на мотоциклизмот како спорт.


