Изложба на цртежи по повод Светскиот ден на пчелата
Денеска по повод Светскиот ден на пчелата 20. Мај пчеларското здружение „Матица“ од Кочани го одбележа денот со отворање на ликовна изложба на тема „Пчелички во цветната градина“ во НУЦК „Бели мугри“.


-Настанот има за цел да се даде значење на пчелите како главни опрашувачи во природата од кои зависи опстанокот на планетата и за нивна поголема заштита. Има пријавено околу 50 ликовни и литературни творби од сите пет основни училишта од Кочани и Оризари и од Училиштето за цртање и сликање при ЦК „Бели Мугри“. Преку ваквите манифестации праќаме силна порака за заштита на пчелите, рече Борче Атанасов, претседател на ПЗ „Матица“ Кочани.

На изложбата беа истакнати ликовните и литературни дела од ученици од основните кочански училишта и беа наградени најдобрите.

На настанот беше присутен и в.д градоначалникот Венко Крстевски кој истакна дека ја поддржува ваквата манифестација со апел да има вакви настани кои се од суштинско значење за подигнување на свеста пред се кај младите но и кај возрасните.

-Сите сме свесни за значењето на пчелата за опстанокот на човекот и со поттикнување на децата од најмала возраст за учество на вакви маниестации се подига свеста и во иднина тие млади генерации да можат да ги прават промените кои ни се неопходни на нашето општество, рече Венко Крстевски в.д градоначалник на Кочани.

Прво место за најдобра литературна творба освои ученичката Катерина Стоилова од ОУ „Никола Карев“.

Второ место за најдобра литературна творба освои ученичката Дарија Иванова од ОУ „Крсте Петков Мисирков“ од Оризари и трето место Стефан Коцев од ОУ „Крсте Петков Мисиров“ од Оризари.

Најдобри меѓу најдобрите за ликовна творба беа наградени учениците Андреа Андоновска од ОУ Св. Кирил и Методиј“, второ место Матеја Мицова од ОУ Малина Попиванова“ и трето место Милена Постолова од ОУ Раде Кратовче“.
Сите учесници добија благодарници за учество и скромни подароци од ПЗ „Матица“.