Здружението на пензионери од Кочани одбележа половина век постоење
Со свеченост што се одржа во ресторанот „Амор“ Здружението на пензионери од Кочани одбележа значаен јубилеј – 50 години од основањето и активно делување.

На свеченоста по повод јубилејот освен пензионери членови на здружението, присуствуваа гости од 16 здруженија на пензионери од Македонија и претставници од Здружението на пензионери од Лесковац, Р. Србија. Присутни беа и актуелниот и поранешните градоналници на Кочани, претставници од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, од ФЗО и МВР Кочани.

Присутните гости ги поздрави претседателот на ЗП Кочани Ѓорѓи Серафимов кој зборуваше за активностите на здружението и за плановите и сегашните активности. Се обратија и актуелниот градоначалник на Кочани Љупчо Папазов, како и претстедателката на Сојузот на здруженија на пензионери Станка Трајкова. На сите нив им беа доделени и благодарници по повод јубилејот за досегашната успешна соработка и безрезервна поддршка на пензионерите.

ЗП Кочани на 16 ноември пред точно 50 години во далечната 1972 година беше регистрирано како здружение. Од тогаш па наваму пензионерите членови на здружението активно работат и се надоградуваат во секое поле. Во изминатите години тие покажаа дека и во поодминати години можат да бидат активни на секое поле и да водат исполнет живот, да дадат свој придонес за промоција на спортот и здравите навики во рамки на секојдневното живеење.

ЗП Кочани е едно од постарите и поактивните здруженија во републиката и со своите активности во изминативе децении работи и на подобрување на статусот на пензионерите, нивна социјализација и меѓусебна комуникација , организирање на настани и ревии и други активности, а здружението редовно учествува и на спортски натпревари од каде што се враќа со освоени високи награди и признанија.

За музичкиот дел и забавата се погрижија членовите на оркестарот „Никола Бадев“ од Кавадарци.