За Божиќ да се појде в црква и да се избегнуваат масовните гозби, апелираат свештениците
Православните верници на 6 ти го слават Бадник, а ден после него Божиќ. И годинава граѓаните нема да го изостават традиционалниот Бадникарски оган кој го означува стартот на чествувањата пред големиот празник Христовото раѓање. Свештениците со совет, постот не значи само воздржување од храна, туку прочистување на срцето и умот. Апелираат, верниците да појдат на литургија за Божиќ а не на заеднички средби и дружења кои не се во духот на православната вера. Во кочанскиот храм „Св. Вмч. Ѓорѓи“ литургија ќе се служи секој ден од 6 ти јануари до трет ден Божиќ.

-На 6 ти ќе се отслужи утрена со часови пропишани за Бадник за после тоа да се отслужи вечерно богослужение и Света Василева Литургија. Исто така сите денови во кочанскиот храм ќе се служи Литургија, на Божиќ, на втор ден Божиќ или посветен на Собор на Пресвета Богородица е најавено присуство на владиката Иларион и на третиот ден од Божиќ посветен на Св. Стефан, истакна Димитар Арсовски, свештеник.

Да се избегнуваат масовните гозби со бадникови огнови, претерување со алкохол, и веселење за време на празниците. Тоа е пагански начин на славење на Христовото раѓање. Бадник треба да се помине молитвено со бдеење во храмовите, а постот е неспоив со пиење ракија.

-Чувствуваме потреба да апелираме дека секој кој што сака да се причести задолжително да иде на исповед, во спротивно причеста ќе му биде за осуда а не за спасение. Исто така апелираме до оние луѓе кои се собираат по маалата и палат огнови тоа да го прават достоинствено и според правилата на православната црква, односно да не се служи мрсна храна и да не се зборува недолично, значи да биде во духот на христијанството, додаде отец Димитар.
Од православниот храм Св. Вмч. Ѓорѓи истакнаа дека верниците можат да земат бадникови гранчиња од црквата на 6 ти јануари до 15 часот.
