Зафир Наков е новиот претседател на Ротари клубот „Кочани – Виница“
Зафир Наков, член на клубот ја презеде функцијата претседател на Ротари клубот Кочани – Виница од досегашниот претседател на клубот Сашко Андонов.
Официјалното примопредавање на претседателската функција доаѓа откако претходно Наков на Годишната конференција на Ротари клубот „Кочани – Виница“ од страна на ротаријаниците беше избран за претседател за мандатниот период 2023/2024 год.

Наков како претседател стартува од 1 јули кога и официјално е стартот на ротаријанската година, а според правилата секоја година наесен на годишна конференција се одбира идниот претседател за следниот мандат.

Актуелниот претседател Сашко Андонов даде осврт на сработеното во ротаријанската 2022/23 година и им се заблагодари на раководството составено од Васил Пендевски, Андон Гушков, Васил Таковски и Зафир Наков кои цела година беа рамо до рамо со него и се најзаслужни за реализираното годинава, воедно врачувајќи им значка со мотиви од годинешното мото “Imagine Rotary” како симболична благодарност за несебичноста, пожртвуваноста и упорноста која ја покажаа оваа година. Исто така на ротаријанците кои допринесоа оваа година Владимир Павлив, Сотир Ангелов, Глигор Цветанов, Тоше Манев и Зоран Тодоров им беа врачени благодарници, по што беше направено примопредавањето на претседателството од Сашко Андонов на Зафир Наков со симболична размена на претседателската значка и инсигниата.

Идниот претседател за 2023/24 година Зафир Наков им се обрати на присутните откривајќи го годишнот мото како и идните и плановите за следната ротаријанска година, ветувајки повеќе ангжмани, проекти но секако и дружби и ширење на ротаријанството.

Ротари клубот „Кочани – Виница“ успешно ја заврши ротаријанската година за што говори и фактот дека на последната седница на Сојузот на Ротари клубови на Македонија за Ротаријанската 2022/2023 год. доби четири признанија за најуспешен клуб во Македонија.



