Започна еразмус-проектот за реинтеграција на младите преку меѓудисциплинарни пристапи
На средба на проектните партнери во Кочани, беше официјализиран почетокот на проектот Y-REACH – Реинтеграција на младите преку меѓудисциплинарни пристапи, што преку програмата Еразмус плус ќе се реализира наредниве две години.

Партнери во проектот се: Општина Св. Ана од Гвадалуп – Франција и невладината организација Men A Lespwa – Асоцијација за помош на реформската црква во Гвадалуп – Франција; Општина Пазарџик од Бугарија и НВО Фонд за превенција на криминалот ИГА од Бугарија, како и Општина Кочани и Здружението на Роми „Авена“.

Целта на проектот е да се дизајнира и имплементира меѓудисциплинарна програма за пренасочување на адолесценти.

– За жал, во последниве години сѐ побројни се проблемите со кои се соочуваат адолесцентите, како што се криминалот, зависностите, менталните болести. Општина Кочани прави напори за нивна превенција, но мора да признаеме дека тие бараат системски пристап – рече во почетното обраќање Аника Илијевска Ѓорѓиева, координаторка на проектот.

Илијевска Ѓорѓиева додаде дека податоците покажуваат дека криминалот меѓу младите расте, а најголем дел од новите дела се сторени од млади престапници кои повториле кривични дела што покажува слабости во постојните програми за превенција и реинтеграција.

– Задоволни сме што со овој проект ќе работиме со младата популација којашто доаѓа во судир со законот, со цел да ги заштитиме и да ги интегрираме во општеството вклучувајќи ги во меѓудисциплинарна програма за пренасочување на адолесценти за животни и работни вештини, во онлајн платформа за учење, што сметаме дека ќе претставува одлична подлога за работа со оваа целна група – додаде Илијевска-Ѓорѓиева.

Претставниците на проектните партнери се сретнаа и со в. д. градоначалникот на Општина Кочани Венко Крстевски, со кого ги споделија првичните впечатоци и разговараа за идните проектни задачи.
