Заменик министерката за здравство Маја Манолева направи увид во работењето на Општата болница во Кочани
Заменик министерката за здравство Маја Манолева направи увид во работењето на Општата болница во Кочани.
Во изминатиот период се преземени низа активности за подобрување на просторните, техничките и кадровските капацитети во Општата болница со проширена дејност во Кочани, со што за граѓаните и пациентите од регионот се унапредува нивото и квалитетот на добивање на здравствените услуги.

Во болницата се набавени уреди и опрема за потребите на болничките одделенија, меѓу кои е мобилен рендген апарат што од 1 јануари ќе почне да се користи на Одделението за хирургија и ортопедија, како и 12-канален ЕКГ апарат за потребите на Итната медицинска помош.

Манолева направи увид и во завршената реконструкција на радиолошкото одделение каде е инсталиран мамограф, а адаптирана е и просторија за уред за компјутерска томографија, што како донација ја обезбедува Клиниката за неврологија од Скопје.

Во изминатите шест години во оваа болница се вработени над 70 лица со решенија за неопределено работно време, најголем дел од нив се медицински персонал и здравствени работници, а останатите се помошен персонал и административни службеници, професионален кадар што е подготвен да ги услужи и им помогне на пациентите, кои не се само од Кочани, туку и од соседните општини Виница, Делчево, Берово, Македонска Каменица, Пехчево и останатите.
