Д-р Кристина Серафимова е новата в.д. директорка на Општа болница Кочани
Д-р Кристина Серафимова, долгогодишен специјалист по неврологија во Општата болница во Кочани е новата в.д. директорка на установата. Серафимова доаѓа на местото на претходната директорка Душанка Горгиева Трпевски која оваа функција ја извршуваше 12 месеци.

-Од денес официјално сум назначена за в.д. директор на Општатата болница со проширена дејност – Кочани. Вработена сум од 2011 година и досега ја извршував функцијата раководител на одделот Неврологија. Имав прекрасна соработка со досегашната директорка, како и со сите доктори, раководители и целиот медицински персонал на болницата. Цел и приоритет е на пациентите да овозможиме подобра здравствена грижа за да се унапреди нивното здравје, а и да обезбедиме подобри услови за истите, истакна Серафимова.
На примопредавњето на функцијата, новата в.д. директорка беше запознаена во каква ситуација е кочанската болницата, како и за тоа кои проекти биле реализирани во текот на претходната година.

-Чест и задоволство, но и голем предизвик беше да се биде директор на Општата болница – Кочани. Оваа функција ја извршував точно 12 месеци. Денеска официјално имавме примопредавање со новата в.д. директорка, д-р Кристина Серафимова. На истата и посакувам многу среќа и успех во понатамошните планови и проекти. Во текот на моите 12 месеци се реализирани неколку проекти, а едното од тие е набавката на ново амбулантно возило, новиот ехо апарат за радиодиагностика од марката Миндреј, сменети се нови прозори, клима уреди, адаптирани се и нови простории. Најбитно за мене и за новата директорка е тоа што финансиската состојба на институцијата е во добра состојба, кажа Трпевски.
Решението за назначување на новата раководителка на јаваната здравствена установа го потпиша министерот за здравство, д-р Арбен Таравари.