ДПД – Кочани ги започна активностите во рамки на проектот „Млади волонтери за сигурна животна средина“
Доброволното противпожарно друштво – Кочани ја започна имплементацијата на проектот „Млади волонтери за сигурна животна средина“ финансиран од УНДП и Општина Кочани.

Истиот беше означен со воведна прес-конференција во просториите на МКЦ на која свое излагање пред медиумите имаше проектниот кординатор Златко Илијев. Во својот говор Илијев ја запозна јавноста за проектните активности кои ќе бидат спроведени во следните 6 месеци колку што ќе трае проектот.

-Проектот се состои од 8 активности во кои како соработници се јавуваат ТППЕ Кочани и Црвен Крст Општинска Организација Кочани, а партнери се СОУ „Гошо Викентиев“ и СОУ „Љупчо Сантов“ како и ДПД Свети Николе. Акцент ќе се стави на противпожарната заштита, гасење на пожар, превенција и запознавање со техничките средства и во делот на првата помош во случај на повреда. Во рамки на проектот планирани се и еколошки акции за расчистување на околината на Пониква, на Осоговските Планини како и поставување на информативни табли, истакна Златко Илијев, претседател на ДПД – Кочани.

Проектот „Млади волонтери за сигурна животна средина“ на Доброволно противпожарно друштво Кочани се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, која е финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Проектот Млади волонтери за сигурна животна средина е кофинансиран од Општина Кочани.

