Директори на кочански училишта вештачки ги пумпале фиксните трошоци – информација од в. д. градоначалникот Венко Крстевски по прес-конференцијата на директори на кочански училишта
Го разбирам стравот на директорите на училиштата, коишто не ги плаќале сметките кон КЈП „Водовод“. Тој е оправдан.
Како работеле тие, ќе ви покажам со факти и документи, коишто партиски претставник нема да ги прикаже, а кои ја соголуваат злоупотребата на партиската моќ.

Ќе објаснам да може секој да ме разбере. Со одлука со критериум за распределување на блок-дотации на основните и на средните училишта се дефинирани фиксните и варијабилните трошоци на училиштата. Во документот со бр. 05-1651/1 од 11.11.2024 година се прикажани фиксните трошоци коишто треба да бидат доволни за покривање на обврските, при што не треба да се дозволи да се натрупуваат долгови. Одредени директори вршеле злоупотреба на критериумот за распределба со тоа што вештачки ги пумпале фиксните трошоци.

Подоцна во предлог-буџетот, износот на овие фиксни трошоци го распределувале за нефункционални цели и училиштата ги трупале со долгови.

Намената на критериумот е средствата да бидат распределени според површината на училиштето и според бројот на учениците и – да не дојде до заостанување на исплатата на обврските.
Одредени директори со партиска моќ, иако предупредени, што е видливо и од Записникот со бр. 08-1427/2 од 17.9.2024 година, дека фиксните трошоци од претходната проекција се разликуваат од доставените финансиски планови до Советот на Општина Кочани – по нив не постапиле.
Конкретно за ОУ „Никола Карев“: во истиот записник е констатирано дека е направена разлика од 1.760.000 денари! Наместо овие средства да бидат искористени за плаќање обврски кон КЈП „Водовод“, тие биле непродуктивно потрошени, на штета на сите други основни училишта. Ова е пример само за една година, а истото се случувало повеќе години наназад. Во 2021 година трошоците кон КЈП „Водовод“ со помош на Владата беа сведени на нула, а тие оттогаш па наваму успеале да ги зголемат само на 10,5 милиони денари.

Една од забелешките на пресот се однесува на користењето на геотермалната вода и нејзината топлина.Топло препорачувам да си го проверат топлоизменувачот и да си го санираат проблемот. Ако биле незадоволни од услугата требало навреме да се откажат од неа, а не да штрајкуваат кога доаѓа време за плаќање.
Ги поканувам директорите, утре сабајле, 14 мај 2025 година, во 7:30 ч. да дојдат на состанок, да ги расчистиме дилемите.
Со почит,
Венко Крстевски,в. д. градоначалник на Општина Кочани
