Дефиле низ кочанските улици и фолклорен концерт како дел од програмата за Денови на кочанскиот ориз
Дефиле и претставувања на јавни институции, приватни фирми, здруженија на граѓани, спортски клубови и фолклорни ансамбли се одржа низ кочанските улици во рамки на 32. издание на манифестацијата Денови на кочанскиот ориз.

Дефилето започна од Градскиот плоштад низ централните улици до Паркот на револуцијата каде на подиумот се претставија учесниците на дефилето. Во продолжение на настанот, фолклорен концерт одржаа домашни и странски фолклорни групи, а на вечерната програма е предвидено забава со ДЈ Огипсилон.

Утре, 1 октомври, во селото Мојанци ќе се случи традиционалното зажнејување и вршидба на ориз. Воедно, ќе биде доделена и наградата за најдобар оризопроизводител како и културна уметничка програма на која ќе настапат играорци од ФА „Љупчо Сантов“, ОМУ „Ристо Јуруков“, и Оркестар „Мелем“.

На вечерната програма во Паркот на револуцијата во Кочани со почеток од 20 ч. ќе се одржи концерт со настап на изведувачи од македонската естрада под наслов „Македонијо, во срце те носиме“.




