Дебата на ВМРО – ДПМНЕ -„ И Европа и Македонија, интеграција и идентитет“ во рамки на акцијата „Важно е! Од тебе зависат промените“
Во Паркот на Револуцијата во Кочани се одржа дебата во рамки на акцијата „Важно е! Од тебе зависат промените“, а е насловена „И Европа и Македонија, интеграција и идентитет“. Се зборуваше за проблемите за она што било во минатото, како и за она што ВМРО-ДПНЕ ќе го понуди како решенија.
На дебатат учествуваа професорката и пратеничката во македонското собрание Гордана Силјановска Давкова, потпретседателот на партијата Тимчо Муцунски и професорот Александар Спасеновски. Силјановска Давкова на дебатата истакна дека македонскиот Устав за 30 години има 36 амандмани, а сега власта предлага уште три.

-Намерно ќе земам два примери околу честотата на уставните измени. Замислете Уставот на САД е донесен во 1787 година и досега доживеал 27 амандмани. Инаку Уставот на САД има само седум члена. А, ние за 30 години имаме 36 амандмани и сега нели предложија уште 3 амандмани. Зошто ги зедов овие примери? Бидејќи двата Устави важат за цврсти Устави, демек постапката за нивната промена е тешка, истакна Силјановска Давкова.
Силјановска Давкова додаде дека најголемиот број на измените на македонскиот Устав не дошле од граѓаните, туку однадвор, а тоа во науката се вели како наметнато. Професорката нагласи дека власта никој не ја овластил да менува Устав, за тоа треба да се праша народот.
Во дебатата беше вклучен и универзитетскиот професорот Александар Спасеновски, кој истакна дека уставните прилагодувања се природна појава бидејќи државите не се статични, односно тие еволуираат и дека тоа не е особеност само за Македонија туку и за целиот свет.
-Сепак, поентата на ваквите процеси со кои тектонски се менува поредокот е да се зајакнат институциите, а не да се ослабнат. Преку уставните измени до сега на најсликовит начин може да се забележи како и во кој правец еволуирала Македонија од 1991 до денес. Македонија нестабилна и со неизвесна иднина во деведесеттите години на 20 век наспроти Македонија денес која со сите слабости и проблеми е држава-членка на НАТО и има амбиција за скорешна интеграција во Европската унија, рече професорот Спасеновски.
Муцунски пак упати апел за масовна граѓанска излесност на следните парламентарните избори.
