Групацијата „Алтернатива“ започнува со групни психоедукативни работилници
Групацијата „Алтернатива“ ѝ нуди на кочанската заедница психоедукативна и психосоцијална поддршка. Тоа ќе го прави со работа во групи, категоризирани според потребите и засегнатоста од трагедијата што се случи на 16 март во Кочани.

За таа цел, синоќа се одржа средба со граѓани и професионалци на која беше претставен концептот на активностите и структурата на планираните групни работилници.

На средбата беше истакнато дека целта на стручните лица од „Алтернатива“ е да помогнат за безбедна, сигурна превенција од долгорочни последици, со техники полезни за справување со трауми.

Во дискусиите со присутните беше истакнат моментот дека во нашата средина недостига култура за справување со вознемирувачки настани, состојба којашто треба да се надмине.

Не само семејствата на загинатите и повредените во пожарот, туку и сите професионалци што се соочиле со трагичниот настан – полицајци, медицински лица, пожарникари, новинари, можат да се вклучат во работилниците за да се справат со емоциите создадени од траумата.

Првата работилница ќе се одржи в сабота, 24 мај 2025 година, а заинтересираните можат да се пријават кај локалната координаторка на „Алтернатива“, Кристина Димитрова, на телефонскиот број 078 313 306.