Грин.орг – Да се распише референдум и граѓаните да се изјаснат дали се „за“ или „против“ изградбата на хидроцентралата
И покрај тоа што изведувачот ги има сите потребни дозволи за изградба на мини хидроцентрала на Мала река, дозволите треба повторно да се испитаат – бараат од здружението Грин орг. Претседателката Ана Симонова посочува дека изградбата на хидроцентралата ќе влијае доста негативно врз животната средина, околината и граѓаните. Потенцира дека државата, вклучително и Општина Кочани треба да ги почитуваат Законите кои се донесени и да ја запрат изградбата на хидроцентралата.

-Само на стотина метри од границите на зоната за строга заштита тоа е Голема река, ама и Мала река спаѓа во заштитено подрачје. Овде не е испитан делот колку ќе се наруши тој биодиверзитет, не е земено во предвид дека овде имаме ерозивно земјиште така што ќе се намали квалитетот на водата и квантитетот, ќе се нанесе трајна штета врз природниот потенцијал и биодиверзитетот на овој дел од Осогово, истакна Ана Симонова, претседателка на здружението.
Ако на Мала река се изгради мини хидроцентрала во тој случај ќе се намали водата во акумулацијата Брана – Градче, а истовремено ќе се намали и квалитетот на водата која се користи за наводнување на земјоделски површини децидна е Симонова. Додава дека повторно како здружение ќе се поднесе барање до Општина Кочани да се распише референдум и граѓаните да се изјаснат дали се „за“ или „против“ изградбата на хидроцентралата.
-Не се предложени мерки во врска со намалување на штетните влијанија на оваа хидроцентрала туку се земени во предвид сечењето на шумскиот појас, а штетата од сечењето на тој шумски појас не е нагласена дека овде имаме ерозивно земјиште. Тоа земјиште ќе ја наполни акумулацијата брана Градче и за две – три години во неа ќе немаме вода, а и квалитетот на водата нема да биде ист за надводнување за производство на храна. Ова се коси со Законот за води, додава Симонова.
Од Општина Кочани одбија да коментираат, бидејќи надлежноста не била во нивни раце. Инаку, пред десетина дена градежна механизација и работници ги почнаа подготвителните работи за изградба на мини хидроцентралата Мала Река кај браната Гратче кај Кочани.
