Голем црковен собир на манастирот „Добра вода“ во Оризари на вториот ден од Божиќ
Голем црковно народен собир се организираше на манастирот Добра вода во Оризари на втор ден Божиќ кога се одбележува празникот Собор на Пресвета Богородица. Собирот на овој убав ден прерасна во традиција. Домаќинките сукаа зелници, а се кршеше и лепче со паричка. Кумот на собирот го предава кумството на нов кум, а свештеникот ја освети водата, го благослови лебот, виното и пченицата и им посака среќно Ново 2024 – то лето Господово на сите верници. Славењето на Христовото раѓање започна со Света Литургија која што се одржа во манастирот во утринските часови.

Без греана ракија и добра музика не помина и овој собир. Најголемата пречка за црковниот собир да биде уште помасовен досега беше тешко пристапниот пат до манастирот. Откако е асфалтиран, голем број верници доаѓаат на манастирот, се молат на Бога за здравје и полнат вода од лековитиот извор кај црквата. Манастирот од неодамна е реновиран и со нови фрески. Следува изградба на кујна, а се планира и изградба на конаци.

-Сакам да изразам голема благодарност на сите верници кои дојдоа заедно да го чествуваме овој празник и заедно да го одбележиме денот на Христовото раѓање. Оваа е 12 та година како на овој ден правиме собир на манастирот, домаќинките сукаат зелници, а подготвуваме и трпеза. Манастирот е реновиран, со нови фрески, но сакам да истакнам дека секој верник кој што сака може да донира за изградба на кујна, но и за конаци. Апелирам до општина Кочани и до градоначалникот ако сака да ни помогне бидејќи на овој манастир доаѓаат голем број верници од многу градови низ републиката, рече Стефан Смилков, домаќин на манастирот.

Инаку, на манастирот „Добра вода“ освен на вториот ден Божиќ, секоја година се слави и на првиот петок по Велигден или кај народот познат како Источен петок – Балаклија кога се празнува со црковно народен собир. Се верува дека водата во овој манастир е лековита.




