Годинава рекорден број посетители на манастирот „Добра вода“ во Оризари на празникот Источен петок Балаклија
Со Света Литургија а потоа и со голем собир се одбележа празникот Источен петок Балаклија на манастирот Добра вода во Оризари. Првиот петок по Велигден секоја година во овој манастир се собираат голем број верници и се организира голем црковен собир. Со музика и песни, манастирски ручек и богата трпеза се славеше и овој празник посветен на Мајката Божја. Годинава имаше рекорден број посетители и верници, десет пати повеќе во споредба со другите години, веројатно од причина што годинава беше неработен ден, а и времето беше сончево. Дополнително што неколку години по ред направен е и патот до манастирот, така што оваа година ќе се памети по бројот на верници кои дојдоа да и оддадат почит на Богородица и да се помолат за здравје.


Свештеникот ја благослови трпезата, домаќините на манастирот се потрудија и овој пат сите подготовки околу славата да бидат завршени навреме. Направена е настрешница во кругот на манастирот со цел прибирање на поголем број верници.


-Чест и задоволство ми е да гледам толку многу народ собран на манастирот. Во тек е фрескоживописувањето на манастирот, затоа апелирам до сите верници кои можат да донираат за фреска, а тоа секако ќе биде за нивно здравје. Инаку, сакаме понатаму да направиме и конаци за спиење на верниците, како и кујна и трпезарија, рече Стефан Смилков, домаќин на манастирот.



Со празникот посветен на Пресвета Богородица и се оддава признание на Мајката Божја, по што манастирот го носи нејзиното име. Се верува дека водата во овој манастир е лековита.

Инаку, освен на овој ден, на манастирот Добра вода кај Оризари слава има и на втор ден Божиќ кога и на тој ден се собираат голем број верници и жените сукаат зелници, а еднаш во годинава се прави и годишно собрание на овој манастир кога се прават планови за понатамошните активности во манастирскиот комплекс.