Германската амбасада донираше противпожарно возило и опрема за за заштита и спасување на ДПД Кочани
Во духот на општествената одговорност и солидарност, во овие тешки времиња за Кочани, стигна голема донација од Германија и Германската амбасада.

Станува збор за противпожарно возило марка „Ивеко Магерус“ и поголема количина опрема за потребите на ДПД и ТППЕ на Кочани. Денеска беше извршено примопредавањето на донацијата.

Германската амбасада веќе две години соработува со ДПД Кочани и досега донирала опрема од фондот за мали проекти и секогаш истата била ориентирана според потребите. Порано имаше потреба за донација поради големите шумски пожари, но сега после катастрофата што се случи со пожарот во Кочани Германската амбасада одлучи да помогне со возила и опрема.

-Кога слушнавме за трагедијата што се случи во Кочани решивме да помогнеме. Собравме околу 3000 единечни делови на заштитна опрема и облека за пожарникарите. Станува збор за направи и уреди за техничко спасување и средства за гасење пожар како и 600 парчиња целосна заштитна облека – чизми, заштитни панталони, шлемови и мислам дека оваа опрема ќе им биде од корист и на доброволните и на професионалните пожарникари. Дониравме и противпожарно возило за гасење пожар, рече Јорген Ваис од Противпожарниот сојуз во Баварија.

-Освен донацијата даваме и психолошка обука за наставниците во училиштата, како и обуки за справување во случај на катастрофи во средните училишта, рече Доминик Каберлинг, претставник од Германската амбасада.

Противпожарното возило и големата опрема која е составена од направи и уреди за техничко спасување и средства за гасење пожар како и 600 парчиња целосна заштитна облека ќе биде од голема корист за ДПД од Кочани.

-ДПД денеска е побогато за уште едно возило. Станува збор за возило кое е комплетно опремено со техничка опрема. Возилото е наменето за 9 пожарникари. Меѓудругото германците донираа и значителна количина на техничка опрема која многу ќе ги зајакне нашите капацитети на дејствување како во делот на пожарите така и во делот на поплави и останати технички интервенции, рече Златко Илијев претседател на ДПД Кочани.
Од ТППЕ се заблагодарија за големата донација од Германија.

-Голема благодарност до Германската амбасада и до германскиот народ за донацијата што ја додели на ДПД со кои имаме одлична соработка. Ние секогаш рамо до рамо се бориме против огнените стихии, рече Драган Апостолов, командир на ТППЕ Кочани.

Со новодонираното возило ДПД во моментот располага со 6 противпожарни возила а во иднина очекуваат возниот парк да се збогати со уште едно возило Џип пикап за кое во тек е акција за собирање средства за набавка и опремување.