В. д. градоначалникот на Општина Кочани Венко Крстевски го осудува инцидентот во Советот на Општина Кочани
Во писмено соопштение што го испраќа до јавноста, вршителот на должноста градоначалник на Општина Кочани Венко Крстевски го осудува инцидентот што се случи на 65. седница на Советот на Општина Кочани.
Во него се вели: „Денес повторно видовме како се гази достоинството на јавното служење. Во сала каде што треба да се носат одлуки за подобар живот на сите граѓани на Кочани, видовме навреди, турканици и насилство. А на дневен ред беа точки што значат напредок: меморандуми за меѓуопштинска соработка што ќе го засилат инспекцискиот надзор и ќе ни помогнат во борбата против корупцијата и криминалот; ребаланс на буџетот за реализација на проекти од интерес на жителите на општината. Но некој повторно избра опструкција наместо соработка. Избра да создава хаос само за Советот да не функционира. До кога ќе дозволуваме лични и партиски интереси да ја кочат иднината на Кочани? Време е за граѓански притисок!
Ве повикувам сите кои верувате во чесна, одговорна и транспарентна работа на институциите – да се придружите, да застанеме заедно за она што е наше – иднината на Кочани!
Најостро го осудувам денешниот инцидент во Советот на Општина Кочани и јасно се гледа дека направив сѐ за да го спречам.
На повредената колешка ѝ посакувам брзо и целосно закрепнување. Никој не смее да биде изложен на ваква ситуација на своето работно место.“
